сабота, 25. ноември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

Работниците од „Водовод“ утре ќе закажат штрајк

Работниците од „Водовод“ утре ќе закажат штрајк

Лични дисквалификации, пресуди од минатото, оценки кој лаже, а кој не – и едно нерешено прашање. Околу директорската позиција на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ се кршат копјата на синдикалците и именуваниот раководител, поставен од страна на градската власт. Сојузот на синдикати денес со новинарите ја подели пресудата од пред речиси три децении, каде што пишува дека в.д. директорот Митовски бил осуден за нанесување повреди со нож во кафеанска тепачка.

Осуден на парична казна од 20.000 денари, а откако не платил, издржал 20 дена затвор, тврдат од Синдикатот. Бидејќи станува збор за стара пресуда за настан од пред 29 години, согласно правните документи, таа казна најверојатно е веќе избришана од судското досие на Митовски, но во полициската база на податоци, кривичниот настан не се брише никогаш. Директорот, пак, негира дека бил во затвор.

Актуелниот директор Митовски тврди дека против него се бунтуваат привилегирани вработени на „Водовод кои“ земале големи плати за неработење, а меѓу нив ја спомена сопругата на синдикалниот лидер Дарко Димовски.

Од друга страна, синдикатот бара негова смена – го обвинуваат дека малтретира вработени, отпушта и ги преместува на несоодветни позиции неистомислениците. Вчера истече последниот рок кој го дадоа синдикатите на градоначалничката Арсовска да го разреши, а последните информации од ССМ се дека утре на состанок ќе се носи одлуката за закажување штрајк. Во тој случај, работниците нема да поправаат дефекти и да ги решаваат проблемите со градската водоводна мрежа.