Украдениот камион за собирање ѓубре на ЈП „Комунална хигиена“ е најден во Старо Нагоричане. Ѓубрарката која во ноември лани беше украдена од сервисот каде што била на поправка, полицијата ја нашла пет месеци по кражбата, оставена на пат, пишува СДК.МК.
-Предметното возило „Рено мастер“ со скопски регистерски таблици било пронајдено на 4 март на стариот пат во село Војник во атарот на општина Старо Нагоричанe- велат од Министерството за внатрешни работи, не кажувајќи дали е фатен крадецот на камионот.
Од ЈП „Комунална хигиена“ се информирани дека камионот е најден, но сѐ уште не им е вратен оти им било речено дека возилото се вештачи.
Камионот поради дефект, вработените во претпријатието во ноември лани го однеле на сервис. Поправките кога ќе се расипат возилата траат неколку дена, но дека го нема камионот вработените во сервисот со кој „Комунална хигиена“ склучила договор, забележале на 12 ноември.
-До сега ваков случај не сме имале. Ни ги крадат кантите, контејнерите или ги кршат за да ги продаваат како старо железо, но да ни се украде возило не се случило. Станува збор за помалите камиони со кои собираме ѓубре низ населбите-изјавија по кражбата од ЈП „Комунална хигиена“.