Финализираат градежните работи за санација на коловозот на улицата “Рилски Конгрес” во населбата Црниче, кои течеа во изминатите три седмици. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес изврши увид во асфалтирањето на улицата, на што претходеше гребење на постоечкиот оштетен асфалт и нивелирање на шахтите.
-Денес започнува последната, финална фаза од санацијата на оваа фреквентна улица во населбата Црниче, која освен нејзините жители ја користат и многу други граѓани поради тоа што истата води кон Центар. По извршените подготвителни активности, се асфалтира на потегот од улицата “Банско” до “Востаничка”, односно 680 метри од улицата “Рилски Конгрес, со ширина од 5 метри. Најавив дека оваа пролет ќе се почувствува почетокот на градежниот бум во поглед на подобрување на инфраструктурата во општината, дека интензивно ќе се работи секаде каде што никој со години не инвестирал. Нашите жители од сите делови на општината, многу скоро ќе ја почувствуваат разликата и ќе добијат поквалитетни услови за живеење-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски при денешниот увид во активностите на терен на улицата “Рилски Конгрес”.