Во населба Илинден во тек се градежни активности во кругот на новата училишна зграда наменета за основно образование. Во моментот се работи на партерно уредување, уредување на приодите кон училиштето, изградба на паркинг простор, како и на другата инфраструктура неопходна за функционирање на новото основно училиште.
Увид во тековните градежни активности изврши градоначалникот Александар Георгиевски, кој истакна дека изградбата на новото училиште значително ќе придонесе за подобрување на квалитетот на воспитно-образовниот процес во општина Илинден.
-Со реализацијата на овој проект значително ќе ги подобриме условите во образовнието во насока на обезбедување на квалитетна образовна инфраструктура со просторни услови за одвивање на современа наставна програма. Изградбата на ова училиште кое треба да биде комплетирана до септември е од големо значење, посебно и поради податокот дека со неговата изградба дополнително ќе се овозможи и воведување на целодневна настава за учениците, истакна градоначалникот Георгиевски.
Притоа, тој додаде дека партерното уредување околу училиштето се реализира во партнерство со општествено одговорни компании.