Општина Центар одобрила нов идеен проект за објектот спроти „Холидеј Ин“ иако Јавното обвинителството сè уште води предистражна постапка за овој случај. На овој простор е планирана изградба на висококатници според детален урбанистички план (ДУП) што неколкукратно ги надминува параметрите на Генералниот урбанистички план (ГУП). Архитекти бараат суспензија на планот за да се корегираат недостатоците, анализира СамоПрашај.мк.
Општината сега е со став дека такво нешто може да и‘ нанесе финансиска штета на локалната самоуправа.
„По анализа на законските одредби со кои е предвидена суспензија на урбанистички планови, утврдено е дека таквата „алатка“ ја поставува Општината во позиција на неизвесност во однос на исходот од процесот и неможност за проценка колку ќе ја чини таквиот чекор, бидејќи Законот за урбанистичко планирање општо предвидува дека Општината би ги плаќала евентуалните штети коишто ќе настанат од неспроведување на планот за време од неговата суспензија доколку не се донесе нов план во предвидениот рок, кој што е реално премногу кус. Не е пропишана методологија за проценката на штети од неспроведување на план“, велат од Општина Центар.
Тула по тула, цела кула
Случајот „Холидеј Ин“ ја покажа целата немоќ на институциите да ги почитуваат правилата на игра. Напротив, очигледно е дека правилата се менуваат за да се задоволат градежните апетити, а притоа не се води сметка дали се почитуваат документите коишто ги донеле самите институции.
Па така, сега на дело се спроведува ДУП што за 8,8 пати ги надминува параметрите во однос на површината за домување и бројот на жители определени со актуелниот ГУП на Град Скопје. Случајот „Холидеј ин“ покажа и колку лесно и евтино институциите го отуѓуваат државниот имот, откако Министерството за транспорт и врски, тогаш предводено од Горан Сугарески го продаде земјиштето за само 312 евра за квадратен метар, иако се работи за исклучително атрактивна локација и за простор за којшто доколку се почитуваше мислењето на стручната фела, ќе се распишеше јавен конкурс за да се стигне до најдоброто решение.
Целата вест прочитајте ја на СамоПрашај.мк.