Ниту Град Скопје ниту Општина Карпош не ја чистат депонијата на кејот на реката Вардар кај салата „Борис Трајковски“ која во средата беше запалена, бидејќи немале механизација и пари за да расчистат толку многу ѓубре, пишува СДК.
Градоначалниците на Град Скопје Петре Шилегов и на Општина Карпош Стефан Богоев, велат дека оваа депонија, на 2 киломери од центарот на градот постои 50 години и тие немаат капацитет да ја исчистат.
–На ова место пред да станам градоначалник ѓубре и шут носеле и Општината и камиони на ЈП „Комунална хигиена“. Сите претходни власти тоа го дозволувале и затоа тука има толку многу ѓубре. Заедно со градоначалникот Петре Шилегов уште од самото доаѓање на функциите забранивме наши екипи да депонираат на оваа локација отпад. Но, за чистење е многу тешко. Ние како Општина немаме таков капацитет ниту машини да интервенираме“-, вели градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев.
Богоев вели дека за време на пожарот Општината ангажирала две машини да им помагаат на пожарникарите.
–Ќе организираме акција за чистење во која ќе ги повикаме сите компании кои располагаат со машини доброволно да се вклучат. Сами не можеме, додава Богоев.
И градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов вели дека станува збор за депонија за чие расчистување Градот нема капацитети.
–Овде ѓубре и градежен шут се фрла уште по земјотресот во 1963 година. Сите овие години некој го толерирал и дозволувал тоа. Град Скопје изминатиов период откако сум градоначалник расчисти 300 диви депонии. За оваа локација потребна е голема механизација и парични средства кои во моментов Градот ги нема, вели Шилегов.
На депонија крај Вардар во средата изби голем пожар кој пожарникарите од Бригадата за противпожарна заштита го гаснеа до доцна во ноќта. Командантот на Пожарната Владимир Симоновски изјави дека пожарот е намерно предизвикан, подметнат на пет-шест места, одеднаш избил и затоа брзо се проширил на сите страни.