Вечерва во Скопје треба да се одржи интересен перформанс со почеток во 18:00 часот со кој треба да се разбие монотонијата поради коронавирусот, пишува порталот Нетпрес.
„Пет девојки пред жешките излози на Универзална сала кои за момент ќе Ви го доближат шармот на улицата на црвените фенери со борделите во Амстердам, но и на времето кога Скопје живеело боемски живот и се будело со првиот мрак и посетите на атрактивните сексуални работнички“, се вели во обајвата за настанот на Фејсбук.
Освен тоа, овој тричасовен перформанс преку директен пренос ќе може да го следите на фејсбук страната на STAR – The First Sex Workers Collective in the Balkans и на партнерите, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и Коалиција Маргини.
Сексуалната работа во нашето општество е заградена со непробоен ѕид од предрасуди. (И)легалниот статус, потешкиот пристап до здравствените услуги, големата изложеност на насилство и етикетирањето се причината да ги губиме основните човекови права.
Секојдневно сме изложени на насилство не само од своите клиенти туку и од органите на безбедноста, кои би требало да не заштитат. Голем дел од предизвиците за човековите права, слабостите и бариерите со кои се соочуваме ние сексуалните работници се должат на криминализацијата, рестриктивните закони, регулативи и практики.
На оваа неправда Ве потсетуваме секој 17-ти декември, но овој пат похрабри, борбени, гласни, шармантни, силни, со совети како да си го зачувате здравјето!“, се вели во објаснувањето на овој настан.
Второто издание на SKOPJE RED LIGHT DISTRICT 2020 во организација на СТАР – Прв колектив на сексуални работници на Балканот, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и Коалиција МАРГИНИ , е поддржано од Фондација Отворено општество – Македонија и SWAN – Sex Workers’ Rights Advocacy Network и се организира во рамки на Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници.
Настанот ќе се организира во согласност со сите важечки протоколи и мерки за организирање на настани од овој тип, со строго почитување на мерките за заштита од ширење на КОВИД-19 вирусот.
Извор: Нетпрес.мк