Градоначалникот Петре Шилегов на денешната прес-конференција одговори на неколкунеделните обвинувања од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во врска со неговиот имот.
– Денеска сум тука пред вас, како што ветив, еднаш и само еднаш, на една прес-конференција, да ги демантирам сите бескрупулозни лаги што ВМРО – ДПМНЕ ги пласира во изминативе десетина дена, а поврзани за мојата семејна куќа и за мојот имот. Мојата семејна куќа во Тафталиџе е изградена од страна на мојот покоен татко 1995 година и јас сум нејзин сопственик од 2006 година. Како што може да се види во овој договор, станува збор за куќа од приземје, прв и втор кат и покрив. Лага број еден на ВМРО – ДПМНЕ. Видно, во имотниот лист, јас сум сопственик на куќа која што се состои од приземје, прв кат, втор кат и покрив, што е фактичка ситуација и состојба и денеска. Ништо не е додадено повеќе од тоа што стои во имотниот лист. Лага број два – Шилегов прави реконструкција без одобрение. Ова е одобрението издадено од надлежниот орган Општина Карпош во декември минатата година кога е започната реконструкцијата. Лага број три – Шилегов не е сопственик на градежното земјиште. Ова е решението за приватизација на градежното земјиште. Јас уште во јуни најавив дека како ќе се ближи кампањата така ќе бидеме сведоци на разно разни искажани работи што се поврзани за мене. И така е во изминативе 8 години. Секогаш кога немаат со што да се спротивстават на политиките кои што ги креира Шилегов како пратеник, портпарол или како градоначалник на Град Скопје влегуваат во бескрупулозни лаги и црна кампања со цел да ме компромитираат мене и моето семејство. Дозволете да искажам благодарност и извинување до моето семејство што успеваме сите заедно сплотени да ја трпиме оваа црна кампања за која сум свесен дека нема да престане, без оглед на фактите, рече денеска градоначалникот Шилегов.