Голема е честа да се биде предводник на победничката листа на советници во Градот Скопје, затоа што ова е борба на два концепти- концепт на уништување на стекнатото и концепт на промени, проекти и победи. Концепт на неработа наспроти концепт на реализација на дела. Концепт на манипулации наспроти концепт на реални и остварливи решенија, рече професор Tрајко Славески, носител на листата на кандидати за советници во Советот на Град Скопје.
„Скопјани повеќе не сакаат Скопје да е во застој. Да биде валкано, заробено од група корумпирани моќници, и со уништен дух. Скопје веќе четири години го предводат луѓе кои имаат натрупано огромно богатство во пари, викендички, хациенди и автомобили за кое немаат покритие. Луѓе кои среде Скопје градат хациенди без одобрение. Кои не трепнуваат кога низ Скопје изникнуваат бетонски чудовишта без контрола. Луѓе кои местат тендери во кои победуваат најскапите и најнеквалитетните понуди“, рече Славески.
И во оваа кампања ќе слушаме како ќе ветуваат нови паркови и чист воздух, праша Славески и додаде „истите оние кои исцртаа регулациски план во Карпош со кој се уништува спортскиот центар Борис Трајковски, како и неколку фудбалски игралишта во близина, истите луѓе кои со договорени блиски фирми, надвор од сите процедури, градеа улици и водоводи тука во Карпош“.
Овие луѓе, вели тој, се пример за луѓе кои само знаат да рушат.
Славески се осврна на визијата која ВМРО-ДПМНЕ ја има за Скопје.
„Нашата визија е европска иднина за Скопје. Визија која се базира на три столба – промени, проекти и победи. Да направиме промена во работењето на Советот на Градот Скопје. Првенствено нудиме кандидати кои носат одличен спој на енергија, искуство, знаење и амбиции. Спортисти, лекари, економисти, професори, луѓе со меѓународно искуство, професионалци, млади и амбициозни… повозрасни и искусни… Промената ќе се почувствува уште од првиот ден – новиот совет ќе биде контролор на работата на градоначалникот, негова поддршка во реализација на зацртаните политики, но и коректор“, рече Славески.
Според него на Скопје му се потребни проекти, вистински, реални и остварливи, а не само празни ветувања за тунели под Кале, Скопје, гасификација, подвозници кај Мавровка, нов парк во Карпош, нов мост во Ѓорче…
„Ние се зафаќаме со решавање на вистинските проблеми на граѓаните. Со целосна поддршка на Програмата за модерно Скопје на независниот кандидат за градоначалник, Данела Арсовска, ние се обврзуваме и гарантираме исполнување на клучните проекти за градот Скопје. Град со ред во сообраќајот. Брзи сообраќајници кои ги поврзуваат сите населби. Град со достапен и ефикасен еколошки јавен превоз. Гасифициран град со можност за приклучок во секое домаќинство. Град со нови паркови на десетици илјади метри квадратни. Град со нова универзална сала, нов забавен парк. Град со нови можности за младите да останат да живеат и творат во Скопје. Тоа е Скопје што го сакаме, тоа е Скопје што го заслужуваме! На овој начин ќе ги решаваме децениските проблеми на скопјани. Со практични, брзи и сигурни решенија“, рече Славески.
На крајот тој укажа дека на Скопје му се потребни промени и проекти, потребна е победа.
„Потребно ни е убедливо мнозинство во Советот на Град Скопје за да ги реализираме нашите проекти за поубав град. Затоа, ве повикувам да ни се приклучите во огромната победа на ВМРО-ДПМНЕ во Градот Скопје и во сите општини. Ајде сите заедно да победиме за да создадеме нова иднина за нашето Скопје. Да го направиме Скопје да биде повторно чист и модерен град. Ве повикувам да гласаме за бројот 7 за Совет на Град Скопје и да избереме нова иднина која ќе ја создаваме сите заедно“, кажа Славески.