среда, 13. декември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

Со дебата на млади од осум европски земји, во Кисела Вода се одбележа 9 Мај

Со дебата на млади од осум европски земји, во Кисела Вода се одбележа 9 Мај

На денот кој од историски аспект обединува два значајни настани- 9 Мај, како Денот на Европа и како Денот на победата над фашизмот, чест ми е што токму општина Кисела Вода, е домаќин на еден ваков значаен настан, на кој имаме гости од осум европски држави. Заедно со Волонтерски Центар Скопје, преку проект од програмата „Еразмус+“ на Европската комисија преку белгиската Национална Агенција, денес ќе продискутираме за имплементацијата на младинските политики, пред се’, на локално ниво. Искуствата на оваа тема, од своите земји, ќе ни ги пренесат и младите учесници во програмата кои ќе ни бидат гости до 13-ти мај, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на отворањето на денешната дебата на која учествуваа триесетина младински работници од осум земји.

– Ова е само еден од низата настани и проекти во насока на поддршка на младите и нивните организации, зад кои застанува Општина Кисела Вода. Унапредувањето на нивната улога како генератори на младинската политика, учество во креирањето на политиките на делување, посебно во спроведувањето на Законот за млади, се зацртани смерници по кои се движи оваа локална самоуправа. Веќе се преземаат конкретни активности околу отворањето на младински центар кој ќе има своја годишна програма и кој ќе нуди активности за сите жители на територија на општина Кисела Вода. Потпишани се меморандуми за соработка со повеќе младински организации, отворени се нивни канцеларии, со што се поттикнува дијалогот, се овозможува нивна поголема одржливост и се унапредува нивната улога. Ова значително ќе ги помогне и поттикне волонтерството, младинскиот активизам, и ќе даде значен придонес во насока на личен, професионален и социјален развој кај младите-говореше градоначалникот пред гостите, додавајќи дека компаративното споделување на искуства со млади од земји каде Законот за младински политики е имплементиран од поодамна, има повеќе значајни придобивки во доградувањето и унапредувањето на процесите во Македонија.

Настанот продолжи со обраќањето на советникот од Советот на Општина Кисела Вода, Никола Илиевски, кој ја модерираше дискусијата и проговори подетално околу спроведувањето во пракса на Закон за младинско учество и младински политики на локално ниво. Во дебатата се вклучија речиси сите учесници. Проектот„Соседство на младинските центри во Европа“ продолжува до 13 мај. Попладнево, по повод 9 Мај, во Домот на култура “Билјана Беличанец” ќе се одржи изложба на фотографии, а предвидени се и пoвеќе други активности- сликање, поезија, шаховски турнир, додека гостите на штандови ќе изложат промотивен материјал и храна со која ќе ја претстават својата земја. Настанот започнува во 18 часот.