Дали со вознемирување и малтретирање на животни може да станете популарни на социјалните мрежи?
Деновиве уште еден таков случај ја вознемири јавноста, а станува збор за видео на кое се гледа дека посетител ги малтретира магарињата во скопската ЗОО.
Тина Мицковска, заменик-директорката на ЗОО Скопје не ја крие разочараноста од ваквите постапки.
-Ваквите снимки треба да не едуцираат како не треба да се однесува еден возрасен човек, разочарано вели Мицковска.
Таа додава дека иако се ретки инцидентите, тие реагираат.
-Ние секогаш несовесни посетители фатени на дело ги бркаме, а кај оние каде што има и законска рамка пријавуваме во полиција заедно со снимката. Инаку ваквите видеа кога ги споделуваме често влијаат врз многу други да не се осмелат да направат глупост. Затоа се поретки и инцидентите, но и несовесното однесување е многу намалено, а свеста зголемена. За жал ова е еден од начините да се свестат некои несовесни, појаснува Мицковска.