МВР се уште работи на расчистување на случајот во клонот „Калинка“ на градинката „Срничка“ во Аеродром по обвинувањето на мајка дека воспитувачка го тепала нејзиниот шестгодишен син.
Вчера била сослушана посочената вработена во градинката, но таа негирала дека го удирала детето. Дополнително полицијата ќе разговара со други негувателки и воспитувачки како и со родители на деца кои се згрижени во установата дали имале слично искуство, пренесе Сител.
Според пријавата на мајката, кога го зела детето од градинка во вторникот имало оток на десниот образ и кажало дека го удирала воспитувачката. Случајот го испитувале и инспекциските служби од министерството за труд и социјална политика.
Разговарале со сите инволвирани, но немале сведоци дали навистина детето било малтретирано.
– Затоа оставаме другите органи за истрага да ја утврдат состојбата за да ние можеме понатаму да влеземе во законските процедури кои што ги има детската инспекција, изјави Мила Царовска, министер за труд и социјална политика.
Во меѓувреме градоначалникот на Аеродром изјави дека воспитувачката оди на работа.
– Додека трае истрагата не можеме да преземеме мерки дали е тоа вистина или не, изјави Златко Марин, градоначалник на општина Аеродром.
Крајот на истрагата го чека и раководството на градинката. Од таму за Сител велат дека доколку се утврди вина кај воспитувачката ќе следи соодветна санкција, а ако немало таков настан ќе си продолжи да си работи.