Поскапе зонското паркирање во Дебар Маало, Капиштец и Буњаковец. Од вчера еден час паркирање на зонските паркиралишта со кои стопанисува ЈП „Паркинзи Општина Центар“ во Дебар Маало наместо 40 денари е 50 денари, додека во Капиштец и Буњаковец од 30 денари паркирањето е зголемено на 40 денари, пишува порталот sdk.mk
Директорот на ЈП „Паркинзи Општина Центар“ Васко Кичевски вели дека направиле промена на опфатот на зоните, па со тоа тие добиле и нови цени. Со промена на опфатот се менува и дозволеното време за паркирање односно сега во населбите Капиштец и Буњаковец возилата ќе можат да се паркираат само два, наместо 3 часа.
„Поради големите гужви направена е измена на зоните. Досега зона 01 беше само Градски парк каде паркирањето е 50 денари и сега во таа зона влегува и Дебар маало. Капиштец и Буњаковец од зона 2 преминуваат во зона 1 каде еден час паркирање чини 40 денари. Населбата Пролет останува во зона 2 каде паркирањето е 30 денари од час“, вели Кичевски.
Од претпријатието велат дека за побрзо информирање на граѓаните за промените во зонската поделба, обновени се старите 99 информативни табли, а во наредните неколку дена ќе постави и 88 нови табли, што значително ќе им го олесни користењето на услугите на граѓаните коишто ги користат паркиралиштата со кои стопанисува претпријатието.