Кралот Чарлс Трети пред неколку дена беше гаѓан со јајца за време на неговата посета на Јорк, а професионален читач на усни откри што рекол кралот веднаш по инцидентот.
Имено, кралот Чарлс и неговата сопруга Камила биле пречекани од градските водачи во Јорк кога врз нив биле фрлени четири јајца, од кои сите ја промашиле целта пред парот да биде одведен на безбедно.
Потоа можеше да се слушне како демонстрантот извикува: „Оваа земја е изградена врз крвта на робовите“, додека неколку полицајци го соборија на земја во близина на Миклегејт Бар, средновековната порта и центар на големите настани, пред да биде уапсен.
Покрај тоа, набљудувачите на настанот од насобраната толпа почнаа да скандираат: „Боже спаси го кралот“ и „Срам да ти е“ кон фрлачот на јајца. Сепак, британскиот монарх продолжи да се ракува со толпата додека јајцата летаа во негова насока, застанувајќи само накратко за да ги погледне скршените лушпи на земјата.
Читачот на усни Џереми Фримен за „Мирор“ кажа што верува дека кралот рекол веднаш по инцидентот. Наводно, тој едноставно продолжил да се ракува со дамата со црвен шешир, ноншалантно велејќи ѝ: „Мило ми е што те запознав“.
После тоа, според зборовите на Фримен, кралот се свртел кон една госпоѓа во воена униформа која свирела среде толпата поради фрлањето јајца и ѝ рекол: „Се е во ред, да продолжиме понатаму“. Неколку секунди подоцна, можеше да се види како монархот се свртува кон еден од полициските чувари и прашува: „Дали се е во ред?“, а читателот на усни верува дека полицаецот одговорил: „Се погриживме за него“.