Македонската јавност овие денови со тага ја прими веста за прераното заминување на актерот Гоце Влахов кој беше најпознат по улогите во легендарните Македонски народни приказни, Во светот на бајките, Опстанок, Тврдокорни, Погрешно време, Сенки, Мајки, Бунило, Трст виа Скопје, Климент Охридски, Оловна бригада, Јуначко колено и многу други…
Актерот почина по долгата и тешка битка со ракот, по што неговиот Фејсбук беше преплавен со тажни коментари и фотографии со потсетување на актерот.
Влахов беше погребан денеска на градските гробишта во Бутел, а со тоа им се придружи и на останатите колеги на кои вечно ќе се сеќава Македонија.
Македонија инаку во минатиот период загуби неколкумина одлични актерски имиња кои биле дел од Македонските народни приказни, а кои не смее никогаш да се заборават.
Пред не цела година во август 2018 година почина актерот Ванчо Петрушевски на 67 годишна возраст.
Тој починал по струен удар во скопското село Орешани во својата викендица.
Петрушевски зад себе има оставено голем број на радио-драмски проекти, телевизиски драми, серии како и најпознат беше по улогите во Македонските народни приказни.
Во 2016 година тој ја доби државната награда „11 Октомври“ за остварување во областа на уметноста и културата.
Во 2012 година јавноста беше исто така потресена по веста дека починал актерот Владимир Дади Ангеловски.
Огромен е бројот на улогите во кои се појавува Дади, од детските серии и драми, па сѐ до сериозни улоги во повеќе значајни македонски филмови, серии и драми.
Незаборавни се и ликовите Диди и Дади што ги играат Дади и неговиот брат Коле Ангеловски во ТВ-серијата „Да видам, да видам што да бидам”. Исто така, Дади се појавува и во оперите на МНТ „Шеќерна приказна“ и „Деспина и мистер Докс“. Во 1967 година игра во психолошкиот филм „Мементо“ во режија на Димитрие Османли, а во 1988 игра една од главните улоги во филмот „Викенд на мртовци”. Понатаму следуваат улогите во филмовите „Солунски патрди” , во режија на Коле Ангеловски, „Калигула” во режија на Миле Гроздановски, „Рибарски караници”, серијата „Лото, лото” исто така во режија на Коле Ангеловски, во претставите „Мефисто”, и „Дунек”, со кои заработува и некои од своите многубројни награди. Тука се и сериите: „Агенција осамени срца”, „Училиште за кловнови”, „Трст виа Скопје”, „Битолски лакрдии” и многу други.
Последниот македонски цар како што многумина сакаа да го наречат Ѓорѓи Колозов почина во 2003-та година, а зад себе остави безброј улоги како цар во македонските народни приказни, но и по улогите во филмовите Тетовирање, Македонскиот дел од пеколот и други.
Тој е роден на 26. февруари 1948. година, а има дипломирано на Академијата за драмска уметност (денес Факултет за драмски уметности), на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје во 1973 година.