Манекенката Емили Ратајковски ја објави книгата „Моето тело“ (My Body) и со тоа отвори неколку, инаку познати женски теми.
– Ја напишав оваа книга за сите да ги разберат моите уверувања и мисли. Тука се некои од највредните и најискрените разговори што сум ги имала со моите пријатели. Единствената надеж ми е дека пред да си создадете мислење, ќе ѝ пристапите на оваа приказна и од моето гледиште, напиша Ратајковски под објавата на својот интернет-простор.
Нејзината книга е всушност збирка на кратки есеи кои даваат увид во животот и кариерата на манекенката изградени на нејзината убавина. Таа се осврнува и на феминизмот, експлоатацијата во модната индустрија, машките погледи и на – капитализмот.
Еден од написите под наслов „Да си се откупиш себеси“ (Buying Self Back) јавноста имаше можност да го прочита во минатогодишното издание на „Њујорк магазин“, а потоа беше прогласен и за најчитан за 2020 година. Емили се осврна и на фотографот Џонатан Ледер, за кого тврди дека сексуално ја вознемирувал за време на снимање. (МИА)