Британскиот принц Хари и неговата сопруга Меган Маркл се поканети да присуствуваат на крунисувањето на кралот Чарлс Трети , објави денеска Сандеј Тајмс.
Парот кој во 2020 година замина да живее во САД се уште не одговорил на поканата.
Неименуван портпарол на двојката изјави за британскиот весник дека Хари неодамна добил „е-пошта од канцеларијата на неговото кралско височество“ за крунисувањето на Чарлс III, кое ќе се одржи на 6 мај.
Портпаролот додаде дека се уште не е донесена одлука за присуство на принцот и неговата сопруга.
Бакингемската палата одби да ја коментира поканата.
Пристигнувањето на принцот на крунисувањето беше предмет на многу шпекулации во британските медиуми во последните месеци, по жестоките напади на парот врз кралското семејство.
По документарецот емитуван на Нетфликс во декември, Хари (38) ги објави своите контроверзни мемоари на почетокот на јануари, во кои ги раскажува своите тинејџерски години опфатени со дрога и алкохол и детали за распадот на неговата врска со неговиот татко Чарлс и брат му Вилијам.
Принцот Хари и Меган ретко одат во Велика Британија. Тие беа заедно на погребот на кралицата Елизабета Втора во септември, а пред тоа само Хари присуствуваше на погребот на неговиот дедо, принцот Филип во 2021 година среде пандемијата на корона вирусот.
За време на тие патувања, парот престојува во Фрогмор Котиџ, кралската резиденција во Виндзор, која кралот Чарлс Трети неодамна побарал да му биде вратена.
Според британските медиуми, Хари и Меган имаат рок до почетокот на летото да ги отстранат работите што останале во таа резиденција.