Хрватската полиција објави фотографија и информација за исчезнувањето на Маријана Зајферт (37), победничката на регионалното реално шоу „Големиот брат“ во 2011 година.
Маријана исчезнала од домашната адреса на улицата „Ластовска“ во Загреб. Во моментот на исчезнувањето таа носела маица во боја на сенф, црна спортска јакна, црна тренерка со бело-црвена лента и светли патики.
По тој повод се огласи Маја Ковачевиќ, сестрата на Маријана.
-Не знам што да кажам освен дека исчезна и ја бараме. Се сомневаме во најлошото, рече Маја.
Нејзиниот сопруг Карло Зајферт, со кој има и дете, за 24сата.хр вели дека не знае што се случило.
-Исчезнувањето го пријавив во полиција. Не можам да зборувам за околностите, ни јас не ги знам, кратко изјави Зајферт.
Презимето на Маријана е Зајферт од декември 2020 година, бидејќи тајно се омажила за Карло Сејферт од Загреб. Тие се запознале во кафуле во Загреб, каде Маријана работела како келнерка. Парот минатата година доби дете. По победата во реалното шоу, таа се повлече од очите на јавноста, се сврте кон верата и духовноста, работеше во кол центар во Загреб, а потоа и како келнерка.
Таа се прослави во „Големиот брат“, каде го изневери тогашниот прв сопруг со еден од учесниците. Бракот со Карло е нејзин четврти брак.