среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Познати

„Јутјуб“ ја заштити Цеца Ражнатовиќ – го повлече документарецот „Српска мајка“

„Јутјуб“ ја заштити Цеца Ражнатовиќ – го повлече документарецот „Српска мајка“

Колку е сè уште влијателна балканската мегаѕвезда Цеца Ражнатовиќ зборува и последниот настан во врска со документарниот филм „Српска мајка“, во кој се раскажува за минатото на пејачката, а во кој брутално се обработува и нејзиното апсење, затворот и нејзините силни врски со српското подземје. На ова веднаш реагираше каналот „Цеца мјузик“, кој го пријави видеото со овој документарец, а кој потоа беше тргнат од „Јутјуб“ каналот.

Документарецот „Српска мајка“ е емитуван на српската телевизија Н1. Имено, „Цеца мјузик“ го пријави телевизискиот канал Н1 за повреда на авторските права. Документарецот вклучува делови од нејзината венчавка со воениот злосторник Жељко Ражнатовиќ Аркан и многубројни други снимки, така што алгоритмот што го користи „Јутјуб“, навистина утврдил дека документарецот ги крши тие права.
Пред воопшто да се емитува филмот, адвокатот на Цеца побара од Н1, а потоа и од аудиовидео продукција ЈСП да не го емитуваат, велејќи дека во спротивно „Светлана Ражнатовиќ ќе биде принудена да поведе соодветни судски постапки за да го заштити својот лик и дело“.

Но, новинарката Јована Полиќ имаше сосема поинаков став: – Ако има нешто вознемирувачко за неа, тоа сигурно нема никаква врска со авторското дело изработено од Сања Лончар, Славиша Лекиќ и од мене. Бидејќи, кога реагирате пред да се измонтира и еден кадар од овој документарец, кога реагирате пред да се сними еден соговорник, кога реагирате пред да се напише дури и една буква од сценариото, тогаш е сосема јасно дека не ве вознемирува содржината на документарецот туку исклучиво содржината на сопствената биографија.

Исто така, во документарецот се објавени и имињата и фотографиите на Ивица Дачиќ, Синиша Мали, Роберт Чобан, Александар Вулин… актуелните српски личности од политиката, медиумите и полицијата, а кои ги одбиле авторите кога им ја побараа изјавата за Цеца.

Во филмот се споменува и нејзината подоцнежна љубовна и деловна врска со Милорад Улемек Легија, по што таа се брендираше како национална вдовица на Србија и скромна православна мајка. Раскажана е и приказната за проневера во врска со фудбалскиот клуб „Обилиќ“ како и апсењето на Цеца по атентатот врз премиерот Зоран Ѓинѓиќ, што на јавноста ѝ ги откри нејзините врски со српската мафија. Тоа потоа го истражуваше таткото на пејачката Јелена Карлеуша, Драган Карлеуша, кој во времето на својата висока функција беше влијателен српски полицаец. И додека Балканот се тресе, да потсетиме дека Цеца доаѓа пак во Македонија, ова лето со своите концерти. Ќе пее во Охрид и Пробиштип, а главниот македонски град, доколку прошетате низ неговите (главни) улици и булевари, лесно ќе забележите дека е целиот пренагласено изналепен со плакатите на Цеца. Колку тоа иритира или е сосема небитно за нашето секојдневие, проценете сами.

Најнови вести