Кралот Чарлс Трети и кралицата сопруга Камила не планираат да се преселат во официјалната резиденција во која живеела кралицата Елизабета, во Бакингемската палата, пренесуваат британските медиуми.
Кралската двојка не планира да се всели во официјалната кралска резиденција, каде што живеат сите британски кралеви и кралици од 1837 година, кога на тронот дојде кралицата Викторија.
Палатата се реновира и треба да биде отворена во 2028 година.
Неговото височество и сопругата кралица Камила одлучиле да останат во нивната резиденција Кларенс Хаус, која е на неколку минути пешачење од Бакингемската палата, каде што живеат од 2003 година.
Бакингемската палата ќе продолжи да биде официјална резиденција на монархијата.
Кралот Чарлс смета дека палатата не е прилагодена на модерниот начин на живот и модерните погледи на светот, ниту во финансиска, ниту во еколошка смисла. Тој сака да ја отвори Бакингемската палата за јавноста.
Како што пишуваат британските медиуми, кралот Чарлс смета дека сè треба да еволуира, а во модерната ера луѓето сакаат да ги посетуваат палатите. Тие треба да бидат јавен простор за посетители.
Во Бакингемската палата наводно се размислува за постојана изложба во чест на кралицата Елизабета Втора.