Американскиот рапер Снуп Дог неодамна слетал во Глазгов, Шкотска, а на аеродромот се погрижиле ова доаѓање да му остане во сеќавањето.
Имено, во текот на излегувањето од авионот, еден музичар на гајда го отсвирел еден од најголемите хитови „Still D.R.E.“ кој Снуп Дог го сними заедно со раперот Др. Дре во 1999 година.
Рос Ајнсли кој свирел на гајда, е професионален музичар. Тој на Снуп Дог му посакал добредојде во градот на типичен шкотски начин, а раперот бил воодушевен од гестот и одлучил кратко да заигра.
Подоцна на својот Инстаграм профил споделил видео од овој необичен дочек и во описот на објавата напишал: „Штотуку слетав во Шкотска“.
Инаку, раперот пристигнал во Шкотска поради својот настап кој ќе се одржи во салата „Hydro Arena“ во Глазгов. Овој настап требаше да се одржи на 26 август минатата година, но тогаш беше откажана целата турнеја бидејќи организаторите не можеле да се договорат околу распоредот.
51-годишниот рапер моментално е на турнеја низ Велика Британија и Ирска. По концертот во Глазгов, Снуп Дог треба да настапи во Лондон, Даблин, Лидс и Бирмингем.