Заврши месецот на модата, во чии рамки последната недела од септември се случуваше Модната недела во Париз. И овојпат не помина без инциденти.
Еден од низата е секако инцидентот што му се случи на славниот пејач Џастин Тимберлејк (38) кој со својата сопруга Џесика Бил (37) пристигнал на ревијата на Луј Витон.
На почетокот сè делувало многу идилично, тие двајца се држеле за рака додека папараците биле насекаде околу нив… А, потоа се случил малиот инцидент.
Оваа идила, додека позирале пред музејот Лувр ја прекинал еден маж кој го нападнал Џастин.
Човекот кој успеал да го помине и обезбедувањето, се фрлил на подот и го зграпчил Џастин за ногата. Обезбедувањето веднаш реагирало така што инцидентот бил решен за само неколку секунди. На прв поглед, очекувано, Џастин бил видно изненаден, но ова не ги вознемирило премногу брачниот пар, па со насмевка продолжиле да чекорат и да позираат на фоторепортерите.