Голем дел од македонските музички ѕвезди имаа и класична наобразба. Нижо музичо, средно музичко училиште, музичка академија… Теоретска настава, соло пеење, свирење разни музички инструменти…
Но, некои од нив со музиката се сретнале многу рано, уште во предшучилишната возраст, кога родителите или некој од семејството, соседството, градинката, училиштето… И како по правило детските училишни хорови, или оние на најпознатите детски фестивали се местата каде денешните естрадни уметници ги направиле првите чекори, за прв пат пуштиле глас, ја испеале првата песничка…
А за да се биде добар и успешен треба постојано да се вежба и мора редовно да се оди на проби… Или баш и не мора?
Така и тие, односно тој…Таков е барем неговиот наивен детски одговор во годините кога бил дете и гостин на една од емисиите на тогашната МТВ, кај новинарката и ТВ водителка Ели Танаскова, која го прашува од колку години заедно со брат му одат во хорот на „Златно славејче“, дали имаат таму другарчиња со кои се дружат и дали за да бидат успешни, треба редовно да одат на проби? А тој, тоа го потврдува, па потоа го негира во негов стил:
„Ние редовно одиме на проби… а понекогаш, може да не одиме“! Чесно и искрено!
Не веруваме дека лесно ќе го препознаете по ликот кога бил малечок, но затоа пак, денес и тоа како е препознатлив во она што го прави. Се разбира со неговиот брат близнак Мартин.
Да тоа е тој, Стефан Филиповски, вокалот на „Некст тајм“.
Така беше тогаш, а денес…? „Нешто ќе те питам мајко, право да ми кажеш…?!“
„Слушаат ли децава, умни ли се? Вежбаат ли така напорно и посветено и денес и одат ли редовно на проби или… Понекогаш, може и да не слушаат?“