Легендарниот Синан Сакиќ, пред да почине на 1-ви јуни 2018 година како последица на тешко боледување, снимил албум кој се уште не е издаден, но првата песна од тој албум премиерно беше прикажана денеска.
Имено, Синан во периодот од 2012 до 2014 година снимил и завршил неколку нови песни, но не ги објавил бидејќи набрзо се разболел, а потоа почнале неговите проблеми во борбата со болеста.
„EMDC Network“ по соработката со Сакиќ продолжи да соработува со неговото семејство, па одлучи да започне со реализација на овој проект.
Сè беше организирано брзо. Поради одличната соработка во претходните години, семејството се согласи „EMDC Network“ да биде носител на проектот и да ја преземе сопственоста на овие фонограми. Следува слушање на албумот со продуцентот на целиот албум, како и прилагодување на техничките детали на самите композиции, а сето тоа беше многу успешно во текот на претходните месеци. Снимени се и видеата – соопштија од ЕМДЦ, кои при објавувањето истакнаа дека се горди што се дел од ваква приказна која сигурно ќе им значи на луѓето кои го сакаа ликот и делото на Синан.
Неговите фанови се воодушевени и излегуваат со бројни коментари по објавувањето на ова музичко парче.