Почина Тоде Новачевски, еден од најдобрите македонски композитори и поранешен сопруг на пејачката Маријана, после долго боледување од рак на белите дробови.
Новачевски беше синоним за најпопуларниот сестрински дует кај нас и песните како „Признавам“, испеани од сестрите близначки, пејачките Маријана и Росана. Тој повеќе децении беше во брак со Маријана, минатата година откри дека веќе две години се бори со карцином, но зборуваше и за подемите и падовите во бракот со Маријана и разводот.
„Иако мојот карцином на белите дробови нема никаква врска со ковид-19, почетокот на проблемот пред две години и развојот на болеста беа скоро исти. Од страшна инфекција стекната заедно со грип и по лошо поставена дијагноза, за неколку месеци достигнав внатрешно крварење, карцином на крв и метастази кои максимално ме потресоа и физички и психички. Сепак, засега, барем низ оваа последна епизода од мојот живот, поминувам како да ми е почеток на нов, поубав и попросперитетен период, иако сум свесен дека е многу можно да не доживеам подлабока старост“ – говореше Новачевски во едно од своите последни интервјуа дадени лани летото за за Свет Австралија.
Благодарен на Маријана што не дозволила нивното разделување и развод да влијаат негативно на врската која ја имаат со децата, свесен дека тие се најмалку виновни за недоразбирањата кои во кризниот период на нивнаата врска, не успеале да ги надминат.
Тој најсреќните вести ги добил во најтешкиот период од животот.
„Токму во најтешкиот период на живот, ми стигнаа и најубави вести, најпрво за моето мало дедино срцуле Ива, ќерка на мојот син Филип и снаата Анастасија, па веридба на моето големо срцуле, ќерката Магдалена и Ерик. Можете да замислите со колкава радост и гордост сме исполнети Маријана, јас и најбликите од двете страни на нашите семејства“ – оптимистички и со искреност истакна тогаш композиторот, чиј живот згасна по борбата со тешката болест.
„Рековме Збогум. Сакам песно мојата да те испејам, сета болка моја како солза да ја слеам… Одетај, песно моја гулабице, побарај ведро небо за мојот бол на срце… Почивај во мир Тоде мој… Таму некаде, каде болки и премрежја не постојат“ – се зборовите со кои неговата бивша сопруга пејачката Маријана Нoвачевска се прости од својот некогашен сопруг со кој и покрај се’, очигледно останале во пријателски односи.
„Нашиот композитор, еден и единствен композитор, човек кој ни ги подари најубавите евергрини на сите времиња, скромен, голем, татко на моите внуци, си замина во вечноста. Сега заедно со нашиот брат, горе некаде заедно нека компонираат и музицираат, бидејќи музиката им беше живот. Голема благодарност и почит до него, спомените за него и неговите песни секогаш ќе бидат во моето срце. Тивко живееше, тивко и си замина… Почивај во мир мој Тоде“ – со овие зборови на свокот Фејсбук се прости од нејзиниот некогашен зет и композитор на најубавите песни што ги испејаа, сестрата близначка на Маријана, пејачката Росана Сариќ Тодоровска.
Маријана како последно збогум ја постираше нивната заедничка песна „Ако не исчезнам“.
Песна која со текот на годините стана еден од вечните македонски евергрини напишани од сега покојниот Тоде Новачевски, а испеани од нив тројцата на фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ во 1989 година.