Вил Смит во саботата бил забележан на аеродром во индискиот град Мумбаи, што е негово прво јавно појавување од доделувањето на Оскарите, кога му пријде на водителот Крис Рок и му удри шлаканица откако комичарот се пошегува на сметка на неговата сопруга.
Индискиот фотограф Вирал Бајани објавил кратка снимка од актерот како мавнува и им се смешка на фотографите на аеродромот во Мумбаи. Актерот исто така се фотографирал со обожавателите на аеродромот.
„Hindustan Times“ објавија дека актерот престојува во хотелот „JW Marriott“ и дека ќе го напушти градот во сабота.
Смит на први април ја напушти Академијата, а во своето писмо со оставката рекол:
„Директно одговорив на известувањето за дисциплинската расправа на Академијата и целосно ќе ги прифатам сите последици за моето однесување. Моите постапки на 94-то доделување на Оскарите беа шокантни, болни и непростливи“.
Смит истата вечер освои награда за најдобар актер.
„Ја изневерив довербата на Академијата. На другите номинирани и победници им ја ускратив можноста да слават и да бидат прославени за нивната извонредна работа. Срцето ми е скршено“, рече тој.
Во петокот Џејда Пинкет Смит на почетокот на новата сезона на својата емисија „Red Table Talk“, порача дека семејството Смит е фокусирано на лекување.
„Со оглед на тоа што се случи во изминатите неколку седмици, семејството Смит е фокусирано на длабоко исцелување. Некои од откритијата околу нашето исцелување ќе бидат споделени кога ќе дојде времето“, објасни таа.
Не е познато зошто Смит бил во Индија, но ова не е негово прво појавување во таа земја.