Италијанската модна куќа Versace во Њујорк ја одржа првата pre-fall ревија во својата историја, на денот кога нејзиниот основач, покојниот Џани Версаче, требаше да наполни 72 години.
На ревијата присуствуваа многу славни личности од светот на шоубизнисот, меѓу кои и актерката Блејк Лајвли и ријалити ѕвездата Ким Кардашијан, кои беа облечени речиси идентично.
Со оглед на тоа дека се работеше за прилично посебна ревија, на пистата се појавија и неколку посебни изненадувања.
Имено, Донатела Версаче побарала инспирација за новата колекција во сопствениот бренд и на пистата врати два легендарни фустани по кои брендот е познат во поп-културата, но во современи верзии.
Едниот е незаборавниот сино-зелен фустан со длабоко деколте што го носеше Џенифер Лопез на доделувањето на наградите Греми во 2000 година. Тоа беше фустанот што ја прослави Џеј Ло.
Интересно е што и двата фустани на писта ги носеше истата манекенка – сега 44-годишната Амбер Валета, па лесно може да ја замислиме Џеј Ло и во новата верзија на секси фустанот.
Вториот фустан што брендот реши да го „обнови“ е креацијата со која се прослави Елизабет Харли кога се појави во неа како придружничка на Хју Грант на премиерата на филмот „Four Weddings and a Funeral“ во 1994 година.
Ден-денес важи за еден од најсексапилните фустани на црвениот тепих, а и новата верзија е подеднакво провокативна и сигурни сме дека Харли би го износила и овој фустан.