Снимка на која британскиот крал Чарлс Трети ја потпишува декларацијата за стапување на тронот стана најгледана во светот, а сето тоа поради фактот што монархот ги загубил нервите, иако се обидувал да ја задржи смиреноста додека им давал многу нервозни упатства на своите подредени и неговиот говор на телото – мимикрија и гестикулација, пренесуваат медиумите во светот.
Имено, според написите, кралот сакал наместо него, други да го тргнат мастилото, а потоа имал проблеми и со пенкалото, а видеото наишло на бурни реакции.
Многумина, се додава во медиумските анализи, однесувањето на Чарлс го оцениле како арогантно и биле изненадени што тој едноставно не ги отстранил од масата предметите што му пречеле.
Чарлс Трети неодамна ја посети Северна Ирска во замокот Хилсборо за да се сретне со членовите на тамошното собрание и по тој повод, кон крајот на посетата, потпиша и книга наменета за тие цели.
Церемонијата на потпишување не помина без проблеми, наведуваат медиумите.
„Чарлс прво напиша погрешен датум, а потоа пенкалото му зададе нова главоболка. Имено, мастилото почнало да тече од пенкалото, што доста го налутило, а тој се ослободил од него луто давајќи и го на сопругата Камила. Таа пак била многу посмирена, но и се пожалила дека „прокиснува насекаде“, е истакнато во написите.
По нејзиниот коментар, кралскиот помошник брзо дошол и го тргнал пенкалото од раката, но ништо не можело да го спречи „малиот нервен слом на Чарлс“, јавуваат агенциите. Во позадина, како што пишуваат, се слушал кралот како јасно вели: „Не можам да ја поднесам оваа проклета работа“ додека го брише мастилото од рацете со марамче.
Тој револтирано додал дека тоа се случува „секој проклет пат“.
Видеото предизвикало лавина реакции.
„Доста му е од се“, „Човекот е олицетворение на стресот во моментов“, „Пенкалото не е во истиот тим со кралот“, „Само смири се човече“, „Ова пенкало ќе биде протерано од кралството утре“, се само некои од коментарите.