Популарниот актер Вил Смит му се извини на својот колега и пријател Крис Рок за инцидентот на Оскарите, на кога му удри шамар на сцената, опишувајќи го своето однесување како неприфатливо и неоправдано. Во исто време, Академијата за филмска уметност и наука кажа дека би можела да преземе мерки против Смит, иако одземањето на Оскарот, што му беше доделен набргу потоа, не е спомнато.
-Сакам јавно да му се извинам на Крис. Претерав и тоа беше погрешно, изјави Смит.
Тој се качи на сцената откако Рок кажа шега за избричената глава на неговата сопруга Џејда Пинкет-Смит, која се бори со алопеција поради што ѝ опаѓа косата, при што го удри и потоа се врати на своето место во публиката. Набргу потоа, Смит го прими Оскарот за најдобра машка улога и се извини, но не и на Рок.
-Насилство во секоја форма е отровно и уништувачко. Моето однесување беше неприфатливо и неоправдано. Шегите на нечија сметка се дел од нашата работа, но шегата за медицинската состојба на Џејда беше премногу за мене и реагирав емотивно, напиша Смит на Инстаграм.
Академијата го осуди однесувањето на Смит и најави формална истрага на инцидентот, согласно законите на Калифорнија.