Легендата на македонската народна песна, Виолета Томовска е годинашната добитничка на наградата за животно дело „4 ноември“ која се доделува по повод Денот на ослободувањето на Битола. Управниот одбор за доделување на оваа награда едногласно одлучи ова признание да го добие токму нивната славна сограѓанка, која годинава одбележува 58 години кариера.
73-годишната дива деновиве го доби истото признание и на јубилејното 25. издание на фолк-фестивалот „Филиграни“, кој се одржа минатата недела во Домот на АРМ.
Порано годинава, таа откри дека сè уште неуморно снима нови песни, а голема желба ѝ е да одржи уште еден голем концерт во Скопје или во родната Битола. „Би сакала уште еднаш на сцената да застанам со сите мои колеги, текстописци, композитори и да им се заблагодарам за сите прекрасни мигови и песни што ми ги подариле од срце, а јас ѝ ги подарив на мојата публика“ – изјави Томовска.