Џони Деп направил профил на социјалната мрежа ТикТок на која набрзо потоа го објавил и првото видео, заблагодарувајќи им се во него на своите обожаватели на поддршката која му ја дале во текот на претходните два месеци во судскиот процес против Амбер Херд.
„На сите мои драгоцени, лојални и непоколебливи следбеници – бевме секаде заедно, сè заедно видовме. Заедно одевме по истиот пат. Заедно ја направивме вистинската работа, а сето тоа се случи затоа што ви значи тоа. И сега сите заедно ќе продолжиме заедно“, напишал Деп покрај видеото.
Набрзо потоа преку портпаролот се огласила и Амбер Херд, па одговорила на видеото на Деп.
„Додека Џони Деп вели дека оди напред, женските права одат назад“, порачала таа, како што пренесуваат странските медиуми.
„Пресудата им порача на жртвите на семејно насилство дека треба да се плашат да се застапуваат себеси и да проговорат“, додала таа.
Да ве потсетиме, Херд по пресудата која беше изречена на 1 јуни објави дека е многу разочарана со развојот на ситуацијата.
„Разочарувањето кое го чувствувам денес не може да се опише. Скршена сум што многу докази не беа доволни за да се спротивставам на моќта и влијанието на мојот поранешен сопруг“, изјавила Херд.
„Уште повеќе сум разочарана од тоа што оваа пресуда значи и за другите жени. Се повлекува идејата дека насилството над жените не треба да се сфати сериозно“.
Инаку, пресудата беше прочитана на судот во Вирџинија, а Деп не присуствувал на читањето на пресудата поради тоа што работно се наоѓал во Велика Британија.
Поротата пресуди дека Амбер мора да му исплати отштета на Деп од 15 милиони долари поради клевета во текст објавен во „The Washington Post“ во кој тврдела дека била жртва на семејно насилство.