сабота, 25. ноември 2023. Вести денес: 0
home ТВ и Филм

„Бунт на куклите“ прикажан на отворањето на Фестивалот на новореставрирани филмови во Болоња

„Бунт на куклите“ прикажан на отворањето на Фестивалот на новореставрирани филмови во Болоња

На отворањето на Фестивалот на новореставрирани филмови „Il Cinema ritrovato” во киното „Џоли“ во Болоња беше прикажан македонскиот кусометражен, осумнаесетминутен игран филм од 1957 година „Бунт на куклите“ во режија на Димитрие – Рули Османли, а по сценарио на Љубе Петковски, кој воедно е и директор на фотографија, соопшти Кинотеката на Република Северна Македонија.

„Бунт на куклите“, кој по проекцијата беше награден со долг аплауз, подоцна беше проектиран и во официјалната фестивалска програма, а признанието што го доби македонската кинематографија со неговата проекцијата на отворањето на Фестивалот на новореставрирани филмови „Il Cinema ritrovato” во Болоња е дотолку поголемо, што ова беше прв и засега единствен македонски филм проектиран на овој реномиран фестивал, информираат од Кинотеката.

Во „Бунт на куклите“ главната улога ја толкува тогаш деветгодишниот доајен на македонското глумиште Емил Рубен, но не е негов дебитантски филм. Имено, Рубен две години порано веќе глуми во фимот „Тие двајцата“ („Njih dvojica“) на Жорж Скригин, а истата, 1957 г. ја игра главната ролја во македонскиот долгометражен игран филм „Малиот човек“ во режија на Жика Чикулиќ. Во „Бунт на куклите“, Емил Рубен е едноставно брилијантен, а таа детска спонтаност, поткрепена од мајсторската режија на Димитрие Османли, успеа да ѝ ја пренесе и на одушевената публика во Болоња, која заедно со него се смееше, се радуваше и се плашеше во соодветните сцени од филмот, во чија реализација учествувале и Василие Поповиќ – Цицо како сценограф, Скопската филхармонија, што ја изведува музиката на композиторот Ладислав Палфи и членови на Балетот при Скопскиот народен театар во кореографија на Ѓорѓи Македонски.

Годинава, на 36-тото издание на фестивалот специјални гости беа последната дива на италијанскиот филм Стефанија Сандрели и нејзиниот сонародник, режисерот Џани Амелио, како и едно од најголемите имиња на „Новиот Холивуд“, режисерот на „Возач“ (The Driver, 1978), „Воини на подземјето“ (The Warriors, 1979), „Јужњачка утеха“ (Southern comfort, 1981) и многу други филмови – Волтер Хил, кои пред публиката се претставија со подолги интервјуа во кои разгледуваа многу прашања поврзани со нивната кариера, но и генерално со филмската уметност.

Организатор на Фестивалот е Кинотеката на Болоња.

Филмот „Бунт на куклите“, заедно со уште триесет други репрезентативни кусометражни играни остварувања од сите етапи на македонската кинематографија, Кинотеката во 2020 година дигитално ги реставрираше во Белград и во Кинотеката, а истата година беше објавено и двојазично DVD-издание со реставрираните филмови на македонски и англиски јазик насловено „Македонски кратки играни филмови“ („Macedonian Short Feature Films)“.