Компанијата „Волт Дизни“ и Скарлет Јохансон се спогодија околу судскиот спор околу дистрибуцијата на филмот на „Марвел“ – „Црната вдовица“.
Јохансон ја тужеше компанијата, обвинувајќи дека го прекршиле договорот со објавувањето на платформата „Дизни плус“, додека филмот се емитуваше и во кината. Глумицата сметаше дека оваа одлука ја лишува од можна заработка.
Подробности од договорот засега не се откриваат.
– Многу сум задоволен што успеавме да постигнеме заеднички договор со Скарлет Јохансон за спорот околу „Црната вдовица“. Го цениме нејзиниот придонес во кино-универзумот „Марвел“ и со нетрпение очекуваме да работиме заедно на уште многу претстојни проекти, вклучувајќи ја и „Кулата на теророт“ (Tower of Terror), рече Алан Бергман, претставник на студиото „Дизни“.
Скарлет исто така, е задоволна што успешно ги реши своите разлики со продукцискиот гигант и се радува на натамошната соработка.
– Многу сум горда на работата што ја правевме заедно во текот на годиниве и многу сум среќна со мојот креативен однос со тимот на компанијата, вели таа во своето соопштение.