Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х учествуваше во креирањето на визуелните ефекти на шестиот дел на филмот „Невозможна мисија“ насловен „Пребројување“, кој од вечерва ќе почне да се прикажува во Скопје.
Филмот е во режија на Кристофер Мекуери, додека главната улога повторно ја игра Том Круз во придружба на Ребека Фергусон, Сајмон Пег, Алек Болдвин и овојпат и Анџела Басет. Ова е шести дел во серијата филмови за Итан Хант и неговиот тим кои секогаш се во трка со времето да си ги спасат сопствените животи.
Кристијан Даниловски, ко-сопственик на ФХ3Х и извршен продуцент, на овој проект изјави дека на филмот работеле во мај годинава со тим од околу 30 артисти.
– Од шестото продолжение на франшизата Невозможна мисија, според критиките кои ги добива, можеме да очекуваме филм, кој е подобар од претходните делови. Сите релевантни холивудски медиуми како Холивуд Репортер, Ротен Томатос и Камингсун.нет имаат одлични оценки, дури и комплименти од типот на споредби со Мед Макс: Фјури Роад и со некои од најдобрите кинематографски остварувања на Спилберг, но останува самите да погледнеме и да се увериме, вели Даниловски.
Филмот ќе се прикажува од вечерва во кино Милениум.