Филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски на 17 август ќе биде прикажан на 29. Сараевски филм фестивал во програмата „Open Air“, каде што ќе присуствува и дел филмската екипа. „Open Air“ ќе се одржи под отворено небо во Стари Град (Вијеќница), а филмовите, како што велат организаторите, ќе бидат прикажани на најголемото филмско платно во регионот.
Покрај најновото дело на Манчевски, во програмата се уште 14 филмови, помеѓу кои и „Астероид Сити“ на Вес Андерсон, „Паднати лисја“ на Аки Каурисмаки, „Бакнете ја иднината“ на Ненад Чичин Шаин, продуциран од Мет Дејмон и Бен Афлек, како и „Навистина никогаш не беше тука“ на шкотската режисерка и сценаристка Лини Ремзи, која ќе го добие почесното признание „Срце на Сараево“.
„Кајмак“ наскоро ќе има и американската премиера, во рамки на 33-тиот фестивал „Синеквест“ во Калифорнија од 15 до 30 август. Се работи за еден од најголемите независни фестивали на американскиот континент, а специфичен е по програмата што поддржува иновативни и креативни уметнички дела.
Се одржува во Сан Хозе и Редвуд Сити во Силиконската Долина. Пред три години на овој фестивал, филмот „Врба“ на Манчевски ја доби наградата Најдобар филм и беше претставен како „филм што нема да го заборавите“.
До крајот на август и почетокот на септември, „Кајмак“ ќе биде прикажан на уште четири фестивали: 36. Филмски фестивал во Херцег Нови, каде на покана на фестивалот ќе присуствува дел од филмската екипа; „Avant&Una“ во Бихаќ, Босна и Херцеговина; i-Fest во Калабрија, Италија, каде ќе бидe прикажанa и ретроспектива на опусот на Манчевски, и во главната конкуренција на фестивалот „Балкан панорама“ во Измир, Турција.
Во јуни „Кајмак“, кој е македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж, премиерно беше прикажан во Копенхаген.