Следниот, 10-ти дел од многу популарниот серијал филмови „Брзи и бесни“ – под наслов „Брзите Х“ (Fast X) – излегува следниот мај. Според очекувањата, ова би требало да биде претпоследен филм од сагата, но прашан – колку долго сака да продолжи серијалот, Крис Бриџис – Лудакрис, кој од пред 20 години го глуми Теј Паркер, вели: Засекогаш.
И покрај намерата да се заокружи приказната на Доминик Торето (Вин Дизел) со 11-от филм (закажан за 2024 година), во новото интервју за „Фадерли“ (Fatherly), глумецот-рапер можеби навести дека брзите автомобили нема да бидат паркирани трајно…
– На сите големи работи им доаѓа крајот, вели Лудакрис. – Во мигов го снимаме „Брзите 10“ и ова е последното поглавје. Но, тоа не значи дека сѐ тоа ќе исчезне засекогаш, нели? Погледнете го „Паркот Јура“. Заврши, па повторно „го оживеаја“… Се надевам дека така „Брзите“ ќе траат вечно. Којзнае, можеби еден ден нашите деца ќе го продолжат!, додаде раперот.
На долгогодишните членови на актерската екипа – Вин Дизел, Лудакрис, починатиот Пол Вокер, Тајриз Гибсон, Мишел Родригез и Џордана Брустер во последните филмови им се придружија и Шарлиз Терон, Бри Ларсон, Натали Емануел, Џон Сена, Хелен Мирен и Курт Расел… Во следните два филма, ќе глумат и Алан Ричсон, Скот Иствуд, раперката Карди Би, Рита Морено, Мајкл Рукер, Џејсон Момоа и други.
И покрај популарноста, „Брзите X“ веќе имаше неколку неочекувани предизвици… По одложувањето на датумот на прикажување, во мај оваа година, продукцијата беше запрена и кога режисерот Џастин Лин, кој режираше пет филма од серијалот, се повлече од 10-от дел, наводно – по постојани расправии со ѕвездата на сагата – Вин Дизел. По тој расплет, Французинот Луј Летерје ја презеде режисерската палка.