понеделник, 11. декември 2023. Вести денес: 0
home ТВ и Филм

Македонија на „Сараевски филмски фестивал“ по уште еден успех

Македонија на „Сараевски филмски фестивал“ по уште еден успех

Македонија преку ко-продукција во филмот „Галаксијата Андромеда“ зема учество на Сараевскиот филмски фестивал кој се одржува од 14-21 август. Филмот се натпреварува за главна награда во главната селекција на Сараевскиот филмски фестивал од А категорија.

Филмот е сниман во Приштина и ја раскажува приказната на Шпетим (Сунај Рача) кој поради корупција и невработеност не може да најде работа. Фактот дека е самохран родител кој мора да се грижи за својата малолетна ќерка дополнително ја компликува ситуацијата, а притоа тие немаат каде да живеат. Во многу наврати се обидува да ја подобри состојбата и да најде работа, но постојано е измамуван. Конечно, тој носи одлука заедно со сопственото дете да мигрира во Германија.

Авторската екипа е составена од Море Рача режисерка и сценаристка, Дарио Секуловски – директор на фотографија, Сунај Рача – актер и Илија Циривири и Дејан Илиев – продуценти.

-Речиси половина од екипата беше од Македонија и трошоците за целосно учество во филмот од македонска страна се сопствена инвестиција на ДМФ продукција. За жал Агенцијата за филм не виде потенцијал во филмот и не го поддржи. Исто така, филмот е и шпанска и италијанска ко-продукција, вели продуцентот на филмот Циривири.

„Галаксијата Андромеда“ ја освои главната награда на фестивалот во Сан Себастијан (категорија Glocal за филмови во развој) кој се одржа од 20-ти до 28-ми септември 2019 по што доби целосна пост-продукција од таму.