Агенцијата за филм на Република Македонија и оваа година ќе биде присутна на филмскиот маркет кој се одржува од 17. до 25. мај во рамки на Канскиот филмски фестивал каде ќе биде промовирана македонската кинематографија.
-Од најновата филмска продукција поддржана од Агенцијата за филм, проекции на маркетот на Канскиот филмски фестивал ќе имаат и долгометражните филмови „Мими“ во режија на Даријан Пејовски и продукција на Скопје филм студио, „Кома“ во режија на Агим Абдула, а во продукција на Галактика филм, и „Преекспонирано“ во режија на Елеонора Венинова и продукција на ДНФ филм, информираат од
Агенцијата за филм.
Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“ во режија на Сузана Диневски (Сузи Кју продукција) е селектиран во Каталогот на Канскиот филмски маркет за краткометражни филмови (Short film corner / Cannes court metrage / rendez vous industry). Проекцијата во рамките на филмскиот маркет е закажана на 26 мај, 2022 (четврток) во PALAIS H во 16:30 часот.
-Меѓудругото, нашата продуцентка Марија Димитрова е избрана меѓу 20-те Producers on the move, програма на European Film promotion, меѓународна мрежа за филмска промоција каде Агенцијата за филм е членка. Воедно, режисерката Дина Дума ќе биде присутна во резиденцијалната програма Residence du Festival која се одржува во соработка со француското CNC, каде на 18. мај ќе го презентира новиот проект во развој Skateboarding is not for girls, известуваат од Агенцијата за филм.
Оттаму истакнуваат дека освен ова успешно претставување на нашата кинематографија на престижниот Кански филмски фестивал, Агенцијата за филм ќе реализира низа активности во насока на афирмација на македонскиот филм на еден од најважните филмски фестивали во светот.
-Македонскиот штанд во SEE павиљонот ќе биде место на кое македонската делегација од Агенцијата за филм ќе ги претстави најновите случувања во нашата кинематографија и ќе реализира средби за идни копродукциски соработки. За оваа цел е подготвен обемен каталогизиран и промотивен материјал, велат од Агенцијата.
Сите присутни на Филмскиот маркет кои ќе го посетат павилијонот на земјите од Југоисточна Европа (SEE pavilion), а се заинтересирани за потенцијални идни соработки и иницијативи ќе имаат можност да остварат состаноци со претставници од Агенцијата.
-Покрај промотивниот штанд Агенцијата за филм ќе биде присутна и на он-лајн платформата на маркетот каде сите оние кои не се во можност да присуствуваат на физичкото издание на маркетот ќе имаат можност да ги проследат сите активности и информации преку виртуелната платформа Marche du film online, известуваат од Агенцијата за филм.
Годинешното, 75-то издание, на Канскиот филмски фестивал ќе биде отворено со светската премиера на филмот „Топ ган: Маверик“ и воедно ќе се оддаде почит на актерот Том Круз. (МИА)