Николас Кејџ не бил платен за филмот „Leaving Las Vegas“ кој му донесе Оскар, открил режисерот Мајк Фигис.
Филмот е објавен во 1995 година, а снимен е според истоимениот роман на Џон О’Брајан од 1990 година. Во филмот исто така глумат и Елизабет Шу, Џулијан Сендс, Ричард Луис итн.
„Leaving Las Vegas“ ја следи приказната за холивудскиот сценарист Бен Сандерсон (Николас Кејџ) кој поради алкохолизмот губи сè. Тој одлучува да замине во Лас Вегас и да се опие до смрт, но попатно запознава проститука која ќе му го промени животот.
Кејџ освои Оскар и Златен глобус за најдобра улога, а Фигис беше номиниран за најдобар режисер. Но, и покрај големиот успех, двајцата не успеале да заработат ниту цент од ова остварување бидејќи им било кажано дека филмот немал никаков профит.
Режисерот во разговор за „The Hollywood Reporter“ навел дека буџетот за филмот бил 4 милиони долари, но сепак ништо не ѝ замерил на продуцентската куќа.
Фигис смета дека процесот на снимање бил толку прекрасен што сè би повторил иако не бил платен за тоа.