Ден пред излегувањето на најновиот филм на Роман Полански „Обвинувам“ во Париз се одржаа протести од феминистичките движења, по што следуваше и повик за бојкот на филмот, јави дописникот на МИА.
Поранешната француска министерка за правата на жените Лоранс Росињол праша дали треба „да се разликува Роман Полански обвинетиот, од Роман Полански, режисерот?“
-Човекот, тој е пред нас и не може да се раздели од неговата работа, изјави денеска Росињол за Телевизија Франс2.
Без да побара забрана на последниот филм на режисерот за аферата Дрејфус „Обвинувам“ (J’accuse) Росињол повика на бојкот на филмот, а на Полански да му се „понуди нарцистична награда“.
Промоцијата на филмот „Обвинувам“, што е поздравен од филмската критика, е засенета од петтото обвинение за силување. Минатата недела, во „Ле Паризиен“, фотографката Валентин Мониер го обвини режисерот дека ја силувал и тепал во 1975 година – што Полански го негира.
-Ако се докажат обвиненијата против него, истрагите мора да продолжат, секако -тој е ѓубре… и во овој случај не сум навикната да гледам филмови на копилиња, рече Орелиен Пради, пратеник кој го предложи законот за борба против семејното насилство, усвоен од Парламентот.
Во вторникот, непосредно пред објавувањето на филмот, беше откажана проекцијата во париското кино „Ле Шампо“, блокиран од неколку десетици феминистички активисти. Останатите проекции, вклучувајќи ја и главната во кино на Шанзелизе, се одржаа.
Полански е осуден во 1977 година за „нелегален полов однос“ со 13-годишничка, која го обвини дека ја дрогирал и силувал. Тој сè уште се гони САД, но никогаш не бил уапсен во Франција. (МИА)