Долгоочекуваниот нов филм од серијалот за археологот-авантурист Индијана Џонс, кого за последен пат ќе го глуми Харисон Форд, ќе биде премиерно прикажан на францускиот Филмски фестивал во Кан во мај, потврдија организаторите.
„Индијана Џонс и Бројчаникот на судбината“ (Indiana Jones and the Dial of Destiny), со Фиби Волер-Бриџ и Антонио Бандерас покрај Форд, е петтиот дел оваа филмска авантура. Холивудскиот ветеран веќе најави дека ова ќе биде негов последен „Индијана Џонс“ филм. За тој филмски лик светот првпат дозна 1981 година, со филмот „Индијана Џонс: Крадците на изгубениот ковчег“ (Raiders of the Lost Ark).
Дејството на петтиот филм е сместено во времето на светската тн. „вселенска трка“ од 60-тите и содржи ретросцени во коишто 80-годишниот актер е дигитално подмладен. Ова е и првиот филм што не е режиран од Стивен Спилберг. Тој ја потпишува продукцијата на филмот, но режисерската палка му ја предаде на Џејмс Манголд.
Фестивалот во Кан оваа година ќе трае од 16. до 27 мај, а неговата целосна официјална програма ќе биде објавена следниве неколку недели. Меѓу скудните информации, потврдено е дека најновиот филм на Мартин Скорсезе и Леонардо ди Каприо, „Убијците на цветната месечина“ (Killers of the Flower Moon) ќе има премиера на фестивалот на 20 мај. (МИА)