Во една од последните аудиции на шоуто „Britain’s Got Talent“, среќата му се насмевна на Муса Мота, 27-годишник кому како тинејџер му бил дијагностициран рак и му била ампутирана едната нога. Бидејќи повеќе не можел да игра фудбал, решил да се занимава со нешто друго.
-По ампутацијата, се заљубив во музиката. Моите пријатели танцуваа во тоа време и ги замолив да ме научат да танцувам. Ова е совршено време да допрам до повеќе луѓе и да инспирирам повеќе луѓе. Се замислив себеси на сцената и сега тоа се случува, објасни Муса пред жирито.
Членовите на жирито Аманда Холден и Бруно Тониоли плачеа за време на неговиот настап, а Алиша Диксон рече дека тоа е една од најдобрите аудиции што ги видела на натпреварот.
Тоа ја импресионираше публиката, која и покрај правилата бараше членовите на жирито да го притиснат таканареченото златно копче и да го испратат директно во следниот круг. Жирито објасни дека веќе ја искористиле таа можност, но на крајот сите заедно го притиснаа копчето што ги воодушеви сите присутни.