среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home ТВ и Филм

Вил Смит се откажа од членството во Филмската академија, повеќе нема да гласа за Оскарите

Вил Смит се откажа од членството во Филмската академија, повеќе нема да гласа за Оскарите

Американскиот актер Вил Смит поднесе оставка од членството во Американската академија за доделување на Оскар, откако на минатонеделната церемонија на сцената му удри шлаканица на комичарот Крис Рок.

– Моите постапки на 94. доделување на Оскарите беа шокантни, болни и непростливи, рече тој во изјавата.

Академијата за филмски уметности и науки објави дека ја прифатила неговата оставка, но и дека ќе ја продолжи дисциплинската постапка против Смит.

Смит му удри шлаканица на Рок затоа што се пошегува со избричената глава на неговата сопруга, која е последица на алопеција – состојба која предизвикува опаѓање на косата.

Неполн час подоцна, тој доби Оскар за најдобар актер за улогата во филмот „Кралот Ричард“, во кој го толкуваше ликот на таткото на американските тениски ѕвезди Венус и Серена Вилијамс.

– Списокот на оние што ги повредив е долг и го вклучува Крис, неговото семејство, многу мои драги пријатели и најблиски, сите присутни и гледачи ширум светот, рече Смит.

– Ја изневерив довербата на Академијата. На другите номинирани и победници им ја одзедов можноста да слават и да бидат прославени за нивната извонредна работа.

– Срцето ми е скршено, напиша тој.

Актерот рече дека сака да „обрнува внимание на оние кои тоа го заслужуваат за нивните достигнувања“.

Тој заклучи дека „за промената е потребно време“ и е посветен да работи за да обезбеди „никогаш повеќе да не дозволи насилството да надвладее над разумот“.