Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека унгарската Влада во понеделник ќе донесе одлука за правните чекори кои ќе ги преземе за да се спротивстави на одлуката на Европскиот парламент за иницирање казнена процедура против Будимпешта поради омаловажување на демократските стандарди на ЕУ.
Орбан за унгарското државно радио рече дека очекува „сериозна правна дебата“ во врска со оваа одлука.
Европскиот парламент во средата го одобри „Извештајот Саргентини“ со кој се бара од Европската Унија да го суспендира правото на глас на Унгарија во ЕУ, поради нарушување на владеењето на правото во земјата.
Иако одлуката допрва треба да биде едногласно одобрена од земјите членки на ЕУ, гласањето во Европскиот парламент беше без преседан, бидејќи никогаш досега земја членка не била соочена со конкретна закана за активирање на членот 7 на Повелбите на ЕУ.
Членот 7 предвидува суспендирање на правото на глас на една земја членка доколку таа ги прекршува правилата и вредностите на Европската Унија.
Суспензијата на правото на глас на Унгарија меѓутоа не може да се случи без едногласна одлука на сите земји членки на ЕУ во Европскиот советот, а Унгарија може да смета на поддршката на Полска, која исто така се соочува со закана за активирање на „нуклеарната опција“.
Извештајот “Саргентини“ ја обвинува Владата на Орбан за злоставување на мигрантите и нивните права, ограничување на слободата на медиумите, за корупција и конфликти на интерес, прекрушување на владеењето на правото и „стереотипни однесувања“ кон жените.
(Миа)