сабота, 30. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Евакуираните од „Скопјанка“ чекаат специјална единица од АРМ, квалитетот на воздухот треба да се измери

Евакуираните од „Скопјанка“ чекаат специјална единица од АРМ, квалитетот на воздухот треба да се измери

Жителите од станбениот комплекс во ТЦ „Скопјанка“ во скопската општина Аеродром, кои доцна попладнево беа евакуирани поради остар мирис што го отежнува дишењето, се уште се надвор.

Командирот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје Звонко Томески за МИА изјави дека повредени нема. Појасни дека околу 18 часот добиле телефонска дојава од граѓаните за мирис што се ширел во ходниците од влезот, по што веднаш на терен е испратена една екипа со пет пожарникари, кои пристапиле со евакуација на луѓето и при тоа употребиле заштитни маски.

– Миризбата што ја почувствувале граѓаните го иритира грлото и пречи на дишењето и беше неопходно станарите да се евакуираат на безбедно, рече Томевски.

Вечерва жителите ги посети скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Тој изјави дека се чекаат единици на АРМ за радио-хемиска и биолошка деконтаминација, која ќе дојде со инструменти да го измери квалитетот на воздухот. Повикани биле и инспектори од Министерството за животна средина и просторно планирање и од Институтот за јавно здравје за да се утврди дали е безбедно враќањето во зградата.

Според првичните информации, пријавено е во полиција дека некој фрлил непозната материја во еден од влезовите.

Во тек е увид од страна на полицијата, а на терен се противпожарно и амбулантно возило.

МИА

Најнови вести