Ова не е шанса за влез во Европската унија и НАТО, туку ова е референдумско изјаснување на 30-ти септември каде што народот треба да одлучи дали ќе остане народ на Република Македонија или ќе одлучи да гласа да биде граѓанин на Република Северна Македонија, вели Димитар Димовски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во вчерашното гостување во дебатната емисија на Македонската телевизија.
Според него, овој Договор помеѓу Македонија и Република Грција е едностран договор, додавајќи дека сите обврски за исполнување се на втората договорна страна која не именува во самиот договор а е Македонија, додека првата страна која ги добива сите привилегии е Република Грција.
-Договорот таков каков што е склопен, тврдиме дека е капитулантски договор, поради сето она што е запишано во самиот договор, тргнувајќи од моментот дека со него се брише македонскиот идентитет или институционалниот идентитет, се бришат македонската култура, историја, па дури се поништува и македонската наука, нагласи тој.
Димовски истакна дека и референдумското прашање е манипулативно прашање бидејќи не се однесува за дали граѓаните се за влез во Европска унија и НАТО, туку се однесува на промена на сопствениот идентитет, личниот идентитет како и промена уставното име на Македонија, додавајќи дека ако се изгласа ова од 1 октомври нема да постои македонски народ.
-На овој референдум се гласа за укинување на македонскиот народ, за укинување на уставното име на Република Македонија кое што со устав е загарантирано и за кое што народот еднаш веќе се изјасни во 1991 година, рече Димовски.