среда, 29. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Кардиолошкиот завод во Охрид во црвена илуминација по повод Светскиот ден на срцето

Кардиолошкиот завод во Охрид во црвена илуминација по повод Светскиот ден на срцето

Заводот за третман на кардиоваскуларни заболувања од Охрид, по повод Светскиот ден на срцето што годинава се одбележува под мотото „И моето срце, и твоето срце“, синоќа целосно беше осветлен во црвено, како начин вработените од установата да испратат порака за потребата од подигање на свеста за подобра грижа за здравјето на срцето, дотолку повеќе што кардиоваскуларните заболувања и натаму се причина број еден за смртност кај нас и во светот.

– Светската здравствена организација годинава излезе со број од 17,5 милиони смртни случаи што настанале како последица на кардиоваскуларни заболувања. Па, затоа пораката која годинава е всушност прашање е што можеме секој од нас како поединец да направи и сите ние што можеме да направиме во превенција на срцевите заболувања и здравјето? Одговорот ќе го најдеме преку лична едукација на пациентите и населението за препознавање на симптомите и начинот на живот кој не создава ризици по здравјето на срцето, вели Елена Коваческа Башуроска, директорот на Заводот.

Лекарскиот тим на пациентите им делеше брошури и совети кои се однесуваат на сите аспекти на превенција на срцевите заболувања.

– Кардиолошкиот завод од Охрид е институција која организира континуирана едукација на пациентите за да се подигне свеста за кардиоваскуларните заболува, а со тоа да се подигне и нивото на грижа за здравјето. Што се однесува до лекарскиот тим, на нас останува да ги следиме светските трендови во кардиоваскуларната медицина и да ги воведуваме новите постапки и процедури тука кај нас, истакна Никола Бакрачески, раководител на Одделот за интервентна кардиологија.

Инаку, кампањата Кардиолошкиот завод ја реализира во соработка со „Алкалоид“. Активностите по повод „Светскиот ден на срцето“ ќе завршат со хуманитарен настан од кој средствата ќе се наменат за деца со здравствени проблеми од семејства кои се под социјален ризик.

Најнови вести