Група граѓани утре во 12 часот ќе протестираат пред Основното јавно обвинителство против, како што велат, прогонот на Моника Ристеска. Тие велат дека пристапот на судијата кој на активистката Ристеска ѝ одреди триесетдневен притвор е ригиден и неприфатлив.
„Ги повикуваме сите слободоумни граѓани и оние кои се, но и оние кои не се уживатели на канабисот да дојдат на протест пред Основното јавно обвинителство – Скопје во 12:00 часот. Целта е да го изразиме нашето незадоволство и да ја искажеме нашата поддршка за неправедно затворената Моника“, пишува во најавата на социјалните мрежи што ја објави здружението „Билка“.
Слоганот на протестот е „И јас сум Моника, апсете ме“. Активистката Моника Ристеска доби 30-дневен притвор, откако претходно беше изведена пред судија на претходна постапка. Таа е спроведена во затворот во Шуто Оризари. Судот ја прифати мерката за обезбедување присуство која ја побара Обвинителството. При вчерашниот претрес во нејзиниот дом полицијата пронашла 30 мл масло од канабис и 15 гр канабис.