петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Останати спортови

Вон се повлекува на крајот од новата сезона

Вон се повлекува на крајот од новата сезона

Американската скијачка Линдзи Вон соопшти дека по завршувањето на новата сезона (2018/19) ќе стави крај на спортската кариера.

Таа првично планираше да се натпреварува до 2020 година, меѓутоа низата од повредите во последните години ја присилија да ја смени одлуката.

– Физички дојдов до точка во која натпреварувањето нема смисла. Сакам да бидам активна и понатаму, па затоа морам да гледам во иднината, а не само да бидам фокусирана на она што е пред мене, истакна американската скијачка.

Вон во Светскиот куп има остварено 82 победи, но нагласи дека ќе се пензионира дури и да не го собори рекордот на Швеѓанецот, Ингемар Стенмарк од 86 победи.

– Ако го соборам рекордот тоа ќе биде остварање на соништата. Но и без него мислам дека имав неверојатно успешна кариера, наведе 33-годишната спортистка.

Вон има освоено четири големи Кристални глобуси и 16 мали. Таа на Зимските олимписки игри има еден златен и два бронзени медали, а на Светските првенства освои два златни, три сребрени и две бронзени медали.

МИА