Во Собранието на Република Македонија денеска почнува расправата по ребалансот на Буџетот за 2018 година. За денеска е закажана седница на матичната Комисија за финансирање и буџет, каде согласно деловникот на Собранието расправата треба да трае 10 работни денови.
Владата го усвои предлог ребалансот на седница на 13-ти овој месец. Според предлогот на Владата, со ребалансот има намалување на приходната и расходната страна за 0,5 отсто. Се задржува буџетскиот дефицит на 2,7 отсто, а се ревидира проекцијата за економскиот раст на 2,8 отсто.
Има намалување на одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, главно кај проекти финансирани со кредити. Капиталните расходи се намалуваат за 5,666 милијарди денари, од кои 1,672 милијарди денари на буџетската сметка и 3,994 милијарди денари на кредитната сметка. Каматните расходи се намалуваат за 897 милиони денари, пред сѐ заради успешното менаџирање со јавниот долг и обезбедувањето на пониски каматни стапки за сервисирање на долгот.
Најголемо кратење има кај проектите каде има забавена динамика, односно за гасификација и за откажаната изградба на клиничкиот центар.